Започна ревизијата за бонусите на Јанева, во јуни ќе се знае колку пари добиле обвинителите на СЈО

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бонусите на Катица Јанева и другите обвинители на СЈО и разгледува Државниот завод за ревизија од почетокот на месецов. Ова следи по барањето на ЈО кое се сомнева дека обвинителите и соработниците на СЈО добивале бонуси на незаконски начин. До крајот на јуни се очекува да излезе конечната верзија на извештајот од ревизијата за која има право да се жали екс обвинителката Јанева, рече главниот ревизор Максим Ацевски за РСЕ.

ЈО побарало од Министерството за финансии собирање на потребните информации.  Во барањето што го обезбеди ТВ21, се барало контрола на сите трансакции  направени од почетокот на работата на СЈО. А бидејќи предметот е во предистражна фаза, од ЈО не ни открија повеќе детали. Од друга страна, државниот јавен обвинител, Љубомир Јовевски во врска со бонусите исплаќани на СЈО, пред два месеца изјави дека првичните информации покажуваат дека врз истата основа се доделени два пати, а фрли сомнеж и врз податоците за плата кои биле класифицирани податоци. Обвинителката Фатиме Фетаи пред неколку месеци рече дека висината  на надоместоците е одредена со одлука на специјалниот обвинител и е сменета со тек на време.

Официјалните информации од базата “Отворени финансии“ покажуваат дека екс главната специјална обвинителка Катица во текот на својот мандат земала вкупно 157 илјади евра надвор од редовната плата. Инаку што се однесува до Државниот завод за ревизија од 2016 до 2018 до истражните органи испратил 56 извештаи за незаконска работа низ институциите. За најголемиот дел од истражните органи, како што се МВР, ЈО, Државната Антикорупсциска комисија, Финансиска полиција, според Ацевски нема одговор до каде се постапките. Затоа тој испратил писмено барање до овие органи да ги информира за извештаите од ревизијата испратени до нив, веќе две години.