Иако изборната кампања за парламентарните избори на 8 мај започнува на 18 април, политичките партии веќе започнаа со објавување на нивните ветувања доколку победат на изборите и успеат да формираат влада. Фокусот на СДСМ, е економскиот дел. Лидерот на оваа партија, Димитар Ковачевски вели дека даденото ветување на последните избори за просечна плата од 500 евра го оствариле дури и го надминале. Ковачевски рече дека сега просечната плата е 650 евра а доколку формираат влада, истата ќе изнесува 1000 евра.
Го прашавме лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски колкава просечна плата ќе ветат доколку ја формираат идната влада. Мицкоски не сакаше да открива бројки, но го спомна ветувањето на СДСМ, велејќи дека нема никој кој им верува на нивните ветувања.
Инаку според ДЗС, просечната плата во декември минатата година изнесувала 39, 998 денари. Минималната плата во моментов изнесува 20, 175 денари додека од овој месец власта вети дека истата ќе изнесува 22,500 денари.
