Кривичниот суд изрече затворски казни од 18 години за Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска и 16 години за Андреј Костовски за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Судијката Елена Илиевска Јосифовиќ објасни дека при носењето на одлуката се земени предвид сите олеснителни околности, но тројцата обвинети сепак одзеле човечки живот.
Според доказите, Јосифовиќ рече дека не е дискутабилно дека обвинетите биле свесни за своите постапки и последиците од последователните удари врз ракометарот Тот. Според лекарите, ударот со главата на тврда површина бил клучниот момент кога настапила смртта.
Меѓутоа според адвокатите ваквите пресуди се неприфатливи. Велат дека ќе се жалат за законската квалификација на делото “убиство со умисла“ и за висината на казната.
Обвинителката тања Трајчевска смета дека казната за ова дело е согласно законот.
За обвинетите е изречена и мерка притвор бидејќи обвинителката Трајчевска смета дека обвинетите можат да побегнат. Освен казна затвор, Судот одредил и оштета за семејството на убиениот ракометар, од 9 милиони денари (околу 145 илјади евра) за мајката и таткото и 8 милиони денари (околу 130 илјади евра) за братот на Денис Тот. Заедничкиот надомест треба да се исплати во рок од 6 месеци по завршувањето на судењето. Случајот со убиството на хрватскиот ракометар се случи на 7 април оваа година пред локал во Градскиот парк во Скопје.
