„Заубер Махер“ ќе управува со отпадот во Тетово – ќе управува и со 49% од акциите на претпријатието

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Општина Тетово склучи договор со меѓународната групација „Заубер Махер“ за управување со отпад. Оваа компанија ќе стопанисува со 49% од акциите на општинското претпријатие за отпад, додека општината ќе има 51%. Касами рече дека оваа компанија управува со отпад во неколку европски градови кои се најчисти градови.

„Денеска Тетово е дел од меѓународната групација „Заубер Махер“, која работи во Австрија, Германија, Чешка, Унгарија и Словенија, вклучувајќи голем број градови, а само во Словенија управува со над 50 општини, кои во многу меѓународните извештаи се опишани како најчисти и најмалку загадени градови“, вели Биљал Касами.

Претставникот на компанијата „Заубер Махер“ рече дека ќе се заложат Тетово да стане чист град.

„Чест ни е да работиме со градот Тетово, со сиот овој потенцијал и развој со тетовци. Ние во „Заубер Махер“ работиме во насока на управување со отпадот во неколку земји, а во оваа насока ќе работиме и во Тетово и ќе обезбедиме градот да биде чист како и повеќето градови каде што работиме. Многу сериозно ги сфаќаме обврските кои веќе ги презедовме со овој договор и ќе видите дека градот наскоро ќе има почисти патишта и почиста животна средина“, порача Андреас Опелт.

Касами посочи дека договорот е да се управува со целиот отпад и во градот и во селата.

„Договорот опфаќа собирање и транспортирање на комуналниот отпад, но тоа е сеопфатен договор за целата општина Тетово, не само за делот на градот, што значи дека со добивањето на менаџментот на приватниот партнер ќе се отстрани и дивата депонија, трансфер станицата ќе функционира и врз основа на локацијата која е предвидена за третман на отпадот во село Фалише“, додаде Биљал Касами.

Јавното општинско претпријатие е поделено на две фирми. Со водоснабдувањето и зеленилото ќе управува општина Тетово, а со отпадот на општината „Заубер Махер“. Вработените во ЈКП „Тетово“ имаат проблем со платите, но според Касами овој проблем сега нема да го имаат бидејќи ова било едно од барањата на општината до компанијата.