-Предлог-заклучоците доставени од пратениците Јован Митревски и Арбр Адеми ги ставам на гласање. Ве повикувам да гласате, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Од 69 присутни, 68 пратеници гласаа „за“, без ниту еден против или воздржан. Не гласаше само партнерот на мнозинството, Павле Трајанов.
Со ова Собранието ги усвои предложените заклучоци за францускиот предлог.
-Констатирам дека Собранието ги усвои предложените заклучоци, рече Џафери.
Албанската опозиција гласаше „за“, но не и македонската, ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Со ова заврши седницата на која три дена по ред се расправаше за францускиот предлог.
Прв кој му честиташе на премиерот Димитар Ковачевски беше лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
И денеска седницата помина во жешка атмосфера, со препукувања меѓу пратениците на мнозинството и опозицијата. Сирените продолжија и денеска….
За да ги избегне звуците на сирените, премиерот Ковачевски и денеска продолжи да ја чита книгата што ја почна вчера, имено станува збор за книгата „Миротворци“ од Џејмс Пердју. Во книгата авторот го раскажува своето видување за војната во поранешна Југославија и склучувањето на Дејтонскиот мировен договор.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски рече дека ова што се случува денеска е злосторство врз целиот народ, додавајќи дека вакво понижување не се случило никогаш досега.
На Николовски му врати пратеничката на СДСМ, која пак беше спречена да зборува од буката што ја правеше опозицијата.
Збор против францускиот предлог доби и пратеникот на Левица, Борислав Крмов.
Кога на ред за збор дојде координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, опозицијата веќе ја имаше напуштено салата…
На денешната расправа присуствуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир и уште неколку други амбасадори.
