Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека датумот или местото на следната рунда разговори меѓу Украина и Русија, со посредство на САД, за завршување на војната во Украина, може да се промени, соопшти денеска неговиот кабинет.
„Но, датумот или локацијата може да се променат – затоа што, според наше мислење, нешто се случува во ситуацијата меѓу САД и Иран. И овие случувања веројатно би можеле да влијаат на времето на одржување на состанокот“, рече Зеленски.
Нова рунда разговори беше закажана во Абу Даби во недела, но Зеленски рече дека не знае кога ќе се одржи следната средба, објави Ројтерс.
„Многу ни е важно сите со кои се договоривме да бидат присутни на состанокот, бидејќи сите очекуваат повратни информации“, им рече Зеленски на новинарите.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во средата изјави дека главните претставници на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои присуствуваа на претходната рунда разговори, нема да учествуваат на состанокот во Абу Даби планиран за викендот.
На тема европска интеграција, Зеленски рече дека Украина ќе биде технички подготвена да се приклучи на Европската унија во 2027 година, додавајќи дека обезбедувањето „брз“ пристап кон Унијата е важен дел од безбедносните гаранции по завршувањето на војната со Русија.
