Зеленски ќе го посети Берлин воочи средбата меѓу Трамп и Путин

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес ќе го посети Берлин за да му се придружи на германскиот канцелар Фридрих Мерц на разговорите со европските и американските лидери пред самитот Доналд Трамп-Владимир Путин во Алјаска во петок, објави германската влада.

Мерц свика серија средби и виртуелни состаноци во обид да се слушне гласот на европските и украинските лидери пред самитот од кој беа исклучени.

Зеленски прво ќе се сретне со европските лидери, за да се подготви за виртуелен разговор со американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс околу еден час подоцна.

Трамп рече дека сака да види дали Путин е сериозен во врска со завршувањето на војната. Трамп рече дека Украина ќе мора да се откаже од дел од територијата што ја држи Русија. Тој исто така рече дека Русија мора да ја прифати размената на територии, иако не е јасно што се очекува да предаде рускиот претседател Путин.