Заедницата на единици на локалната самоуправа нема став дали општини можат да ја финансираат Албанската академија за науки и уметности. Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓоргиевски вели дека ќе разговара со колегите на оваа тема.
„Тие делби, поделби, процеси од коишто никој нема генерално ништо добро да види – не ни требаат“, вели Орце Ѓорѓиевски.
Претходно, советници на СДСМ најавија дека нема да гласаат за буџетите за 2025 година на општините Тетово, Гостивар, Чаир и Желино, ако во нив се предвидени пари за предизборното ветување на коалицијата ВРЕДИ.
„Многу позначајно е да го подигаме стандардот како нација, критериумите како нација, отколку да дискутираме за вакви теми да го негуваме соживотот“, вели Перо Костадинов.
Од друга страна, потпретседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Чаир, Висар Ганиу истакна дека тие не се откажуваат од намерата. Сепак, не ја отфрлаат можноста во меѓувреме да се изнајде и друго решение.
„Кога имаме блокада од Македонската академија на науки, каде што не можеме таму ни да се доближиме, ние мора да отвораме друг пат. Тој пат е помошта од локалната власт, ама секогаш сме велеле дека сме отворени да разговараме на поопширна дебата и зошто да не утре да се најде некој друг модел каде што би биле вклучени и Албанската академија или да се финансирани од државни средства од централна власт“, вели Висар Ганиу.
Претходно, министерот Златко Перински нагласи дека Законот за локална самоуправа не дозволува да се издвојат општински средства за намени кои не се дел од основните надлежности на општината. Но, претставници на Општина Чаир се повикаа на Законот за научно-истражувачка дејност, во кој се вели дека ваквите дејности можат да бидат финансирани од локалната самоуправа.
