Земјоделство – плодно земјиште за поткуп и корупција: Директорот на инспекторатот е уапсен за примање поткуп од 50.000 евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скандали за мито и корупција пак го тресат секторот земјоделство. Синоќа е уапсен директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, поради сомнение за примање поткуп од 50.000 евра. Анакиев е потпретседател на Социјалистичката партија на Македонија, чиј лидер е Љупчо Димовски, актуелниот вицепремиер за политички систем. За директор бил поставен во јули 2024. Тој „падна“ во акција на полицијата во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а протекоа и слики од неговото апсење. Од Обвинителството најавија детали по завршување на акцијата.
Остро реагираше владејачката Социјалистичка партија. Лути се за протекувањето фотографии од апсењето на нивниот функционер.

„Социјалистичката партија жестоко реагира од нападното партиско етикетирање на актуелни случаи со сериозни обвиненија и тенденциозното објавување фотографии со кои се гази врз човековото достоинство, а за што од одговорните е потребно издржано објаснување“, велат од партијата.

Од партијата ги повикуваа институциите да постапуваат според закон и неселективно за било кој случај каде има основани сомненија за криминал и злоупотреба.

Реагираше и опозициската СДСМ. Велат земјоделците се без пари затоа што криминалците во власта ги крадат.

„Ова само уште еден скандал во низата кој покажува дека криминалците во власта на ги крадат граѓаните, ги крадат земјоделците, и тоа на големо. ИПАРД 3 програмата вредна 130 милиони евра беше суспендирана токму поради корупцискиот скандал на ВМРО каде директорот на Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој беше уапсен исто така за мито од 50.000 евра“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ова е порака до сите дека со законот нема играње.

„Секој кој се огрешил пред законот, без разлика дали од СДС од ВМРО-ДПМНЕ, или било која друга политичка партија, треба да одговара. Сите мора да бидат еднакви спрема законот. Воедно, ја поздравуваме и акцијата на МВР и ова е порака до сите дека со законот нема играње. Дополнително, ние не очекуваме ова да го разберат колегите од СДС затоа што тие се уште една иста криминална банда којашто сака да дојде на власт само за повеќе да краде.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Анакиев е втор директор кој паѓа на поткуп од секторот земјоделство. Во ноември лани настрада тогашниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Иле Стоилев за злоупотреби со ИПАРД парите. На Стоилев му ветувале 50 илјади евра, а полицијата го фатила со првите 400 евра кој му ги дал поранешниот министер за правда Џевдет Насуфи, кој пак нудел мито од 50 илјади евра за да биде прифатен проект на струшка фирма и да добие средства ИПАРД. Покрај тие двајца, меѓу обвинетите се и државни службеници од УЈП и земјоделство.