Силен земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала денеска ги погоди Филипините, соопшти Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија. Според првичните информации, животот го загубиле најмалку две лица.
Подземниот удар предизвика значителни оштетувања на повеќе училишта и една болница, а делови од земјата останале без електрична енергија. Жителите од крајбрежните подрачја биле евакуирани како мерка на претпазливост. Очевидци сведочат дека далноводите се нишале, а многумина во паника ги напуштале своите домови, јавува „Асошиејтед прес“.
People evacuate Tagum City Davao regional medical center as 7.4 magnitude earthquake strikes Philippines #Davao #earthquake #PhilippinesEarthquake pic.twitter.com/TVmqjDNQxS
— Re:Flex (@re_flex_world) October 10, 2025
Филипините и Индонезија издадоа предупредувања за можни цунами-бранови, пренесува BBC. Епицентарот на земјотресот бил во отворено море, на длабочина од околу 10 километри и на 62 километри оддалеченост од брегот.
Пасифичкиот центар за предупредување од цунами предупреди дека постои ризик од опасни бранови во радиус до 300 километри од епицентарот.
Во засегнатите области веќе е започната евакуација на населението, особено на учениците од училиштата. Локалните власти апелираат граѓаните да останат на безбедни и повисоки места сè додека не помине опасноста.
Претседателот на Филипините, Фердинанд Маркос, издаде наредба за итна евакуација во неколку крајбрежни провинции, додека властите во Индонезија засега немаат пријавено материјална штета.
Според филипинската сеизмолошка агенција, можно е појавување на „бранови опасни по живот“. Цунами-брановите би можеле да достигнат висина до три метри во поединечни региони на Филипините и околу еден метар долж брегот на Индонезија.