Три дена по вооружениот напад, докторот Зеќирја Шаини се врати на местото на настанот.
Тој демантира дека неговата сопруга Арјета Адили била нарачател на неговото убиство, откако истата беше уапсена под сомнение дека е поврзана со атентатот.
„Целосно ги отфрлам како неосновани и невистинити тврдењата дека зад овој чин стои мојата сопруга Арјета Адили. Затоа итно барам од истражните органи да ја разјаснат ситуацијата во врска со мојата сопруга, која е вклучена во овој случај од нивна страна, со почитување на семејната приватност“, вели доктор Зеќирја Шаини.
Шаини ги повика властите да го пронајдат извршителот на нападот – Л.Ф., 36-годишен од Гостивар.
„Барам од полицијата и од истражните органи да се зафатат со откривање на вистинскиот осомничен во случајот, а не ова прашање да го прикажуваат како семејна расправија или недоразбирање, затоа што ако тоа беше така како што се кажува во јавноста, јас никогаш немаше да живеам со таа госпоѓа“, вели доктор Зеќирја Шаини.
Шаини, кој е исто така носител на советничката листа на НАИ во Општина Липково, повтори дека нападот не бил од политички мотиви, иако се случил во средината на изборната кампања.
„Апел и до политичарите – да не брзаат пред надлежните институции во прикажувањето на овој случај како семејна расправија. Не само мојот случај, туку сите вакви случаи да не се гледаат низ призма на политички поени, особено во овие моменти на изборна кампања“, вели доктор Зеќирја Шаини.
Инаку, во вторникот на пладне, само неколку чекори од полициската станица во Куманово, се случи вооружен напад со пиштол „9 мм“, кога маскиран осомничен пукал кон автомобилот што го управувал докторот Шаини. Полицијата е во потрага по сторителот Л.Ф. (36) од Гостивар, додека сопругата на жртвата, А.А. (43) од Тетово, со живеалиште во Слупчане, е лишена од слобода еден ден по нападот, под сомнение за соучество. Полицијата во Куманово поднела кривична пријава против двајцата осомничени – извршителот е во бегство, а жената, која според полицијата е нарачателка, се гони во слобода.
