Реформите во администрацијата, пренатрупаноста и нејзината политизација, надвладеаја во организираната дебата за јавната администрација во Македонија.
Заменик -министерката за Информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, вели дека има напредок во сферата на јавната администрација во последните неколку години. Таа критикуваше дека минатите влади по ова прашање немале никакви резултати.
Пратеничката на СДСМ, Лидија Димова, посочи на неколку негативни појави кои се случуваат во државната администрација. Таа го спомна големиот број на административци кои седат дома и земаат плата, но го критикуваше и користењето на администрацијата за политички цели.
Претседателот на Центарот за европска обука, Андреја Стојковски, го нагласи фактот дека во Македонија двојно е зголемен бројот на вработените во администрацијата. Според него, со ова е запоставен Мадридскиот критериум, преку кој се бара помала, ефикасна и транспарентна администрација.
Иако беа поканети, на дебатата не учествуваа министерот за европски интеграции, Фатмир Бесими и пратеници од албанските партии. Во меѓувреме, досега нема официјално точен број на вработени во јавната администрација. Учесниците побараа Владата што е можно побрзо јавно да ја обелодени точната бројка. Според неофицијалните презентирани податоци на оваа дебата, бројот на вработени во јавната администрација е над 130 илјади.
