Иако секоја година се зголемува бројот на пациенти заболени од канцер, позитивно во сето ова е тоа што во однос на претходниот период драстично е зголемена бројка на оние чиј животен век е продолжен. Бројот на новодијагностицирани случаи останува релативно стабилен односно секоја година има ист број на новозаболени, но вкупниот број се зголемува токму поради тоа што медицинскиот третман кој е посовремен овозможува тие да живеат подолго од претходно. Ваквите податоци ги изнесе директорот на Клиниката за онкологија Игор Стојковски кој изнесе и преглед на заболени од канцер на дојка, на бели дробови и меланом.
-Кумулирањето на бројот на пациенти се должи, меѓу другото и на продолжување на третманот, пролонгиран значи, станува збор за терапија посебно иновативна терапија која е ефикасна во третманот на овие заболувања, изјави Игор Стојковски, директор на Клиника за онкологија.
Континуираното зголемување на средства кои се насочуваат кон поквалитетни терапии имаат видлив ефект во подобрувањето на животот на пациентите истакна директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски. Тој рече дека до 2019 година биле издвојувани многу скромни средства и тоа околу 10 милиони евра годишно додека сега буџетот изнесува околу 50 милиони евра.
-Конкретно за рак на дојка може да видите дека во 20-та издвојувањата биле околу 700 евра по пациент да сега тие стигнат до две и пол илјади евра по пациент. Заради вкупните бројки на рак на дојка на новооткриени и на вкупни пациенти буџетот за рак на дојка е скоро една третина од вкупниот буџет, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗО.
Клековски рече дека интензивно се работи за нови лекови, па така минатата година биле воведени шест нови лекови, а за годинава се очекуваат уште два нови за рак на дојка, потоа терапија за рак на простата, како и зголемување на опфатот со имунотерапија. Во однос на постојаниот проблем со недостиг на лекарства за онколошките болни директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски рече дека во моментот недостига само еден лек но дека тоа набрзо ќе се надмине.
-Кога се соочувате со значително поголем број на пациенти од планираниот број на пациенти не е едноставно да се одговори на потребите. Затоа во 26-та година буџетот ќе биде зголемен за 50% за двата лека во оваа категорија, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗО.
На Клиниката моментално функционираат три акцелератори за зрачење, од кои еден е пуштен во употреба минатата година. Дополнително беше презентиран и нов апарат за третман на метастази во мозокот, со што пациентите повеќе нема да мора да одат на лекување во странство.
