Желино се жали – зошто во општината е воведен полициски час, кога нема зголемување на бројот на заразени? Градоначалникот, Блерим Сејдиу, вели дека оваа одлука е неправедна, бидејќи во оваа општина нема ниту еден заразени согласно официјалните статистики. Додава дека и службено се обратил до Владата, но дека досега не добил никаков одговор.
-Општина Желино и понатаму смета дека вчерашната одлука на Владата е неправедна и некоректна за општината, бидејќи кај нас во последните 10 дена не е регистриран ниту еден случај на Ковид-19. Оваа одлука за изолација и забрана за жителите со полициски час е неправедна бидејќи сите ние бевме внимателни, апелиравме и граѓаните максимално ги почитуваа мерките и сега на крај сме казнети како останатите општини кои не се покажаа внимателни-вели Блерим Сејдиу.
Повеќето жители не веруваат дека вирусот постои. Велат дека досега не виделе ниту еден заразен.
-Колку што гледам тука воопшто нема правда. Веќе 3 месеци трае ова со короната, а ние немаме видено ниту еден болен или починат од коронавирус. Само манипулираат.
-Не е вистина ништо. Ова се само манипулации. Нема никаков вирус.
-Добро е народот да се опамети. Самите си го правиме ова да има полициски час. Што да им правиш, ниту маска не носат, ниту ништо.
-Нека одлучат и нека прават што сакаат. Се гледа каква е политиката.
Со вчерашната владина одлука, во општина Желино е воведен полициски час, а во 3-дневен карантин ќе бидат и тетовските општини Боговиње, Теарце и Јегуновце.
