Жените во спортот сè уште не се доволно застапени на лидерски позиции. Само 13% од спортските федерации ги водат жени, додека само 17% од позициите генерален секретар се држат од жени.
„Психолошкото насилство е најизразено и најнормализирано во спортот. Сите вознемирувачки моменти, агресии, навреди, закани, како и маргинализација од спортски активности и тренинзи – сето тоа е психолошко насилство. Меѓутоа, женските спортистки немаат начин да го препознаат и го сметаат за нормално, поврзувајќи го со спортската дисциплина.“, порача Александра Савевска.
Повеќето спортски федерации сè уште немаат формални механизми за заштита, особено за родово базираното насилство, за спречување и идентификација во спортот, истакнува Силвија Митевска од Спорт Соушал Солушнс.
„Механизмите за заштита треба да бидат поврзани со државното финансирање и, следејќи го примерот на другите европски земји и добрите практики, може да се побара од спортските федерации да имаат политики за родово застапување, со минимум 40% жени во сите лидерски структури. Исто така, сите механизми за заштита и пријавување на родово базирано насилство треба да бидат интегрирани.“, вели Силвија Митевска.
Конференцијата „Фер игра, еднаквост и нула толеранција за родово базирано насилство во спортот“, организирана од Македонски ценат за меѓународна соработка и Олимписки Комитет на Македонија е дел од истражување кое ја обработува застапеноста на жените на позиции за донесување одлуки во спортските организации, како и родово базираното насилство во спортот.
