Жичарница која послужи за собирање гласови – пуштена во употреба пред изборите, но сѐ уште вон функција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Оваа жичарница беше пуштена во употреба на 26-ти февруари годинава, токму пред изборите кои требаше да се одржат во април. Тогаш присуствуваа пратеници и министри, но не изостанаа ниту тогашниот технички премиер Оливер Спасовски и министерот за економија, Крешник Бектеши. Но, по речиси 10 месеци и во период кога веќе започна туристичката сезона на Попова Шапка, оваа жичарница е вон функција, иако останатите работат нормално. Скијачите велат дека треба да чекаат ред за да ги користат ски-лифтовите, а како што додаваат, шестоседната жичарница би ја намалила гужвата која се создава.

„Да, има долги редици. Да беше во функција овој ски-лифт редиците ќе беа помали. Навистина би било подобро ако беше во функција ски-лифтот. Не се исплати за оние кои скијаат за еден ден да плаќаат над 1.000 денари, а се чека многу ред. Јас имам сезонски билет кој го платив околу 10 илјади денари и повторно чекаме ред.“

„Да, имаме пречки бидејќи многу се чека на ред кај другите ски-лифтови. Не знаеме кај стои проблемот. Мислам дека треба веќе да почне да функционира и мислам дека ќе се намали гужвата кај другите ски-лифтови.“

Директорот на Елем Турс, Живко Алексовски, вели дека оваа сезона почнала добро, бидејќи по 10 години ски-лифтовите се пуштени во употреба пред Нова година. Ветува дека шестоседната жичарница ќе почне да работи, објаснувајќи дека не била во функција поради состојбата со ковид-19.

Жичарницата има капацитет за 2.400 луѓе на час, а долга е три километри. Како проект-идеја датира од 2012 година. Надлежните ветија создавање услови за произведување вештачки снег, како и жичарнива која ќе го поврзува Тетово со Попова Шапка, проект за кој како што уверуваат, Владата обезбедила 300 илјади евра.