Жители од Тиквешијата бараат совети за вакцинирање од Црвениот крст во Кавадарци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дел од жителите во Тиквешијата бараат совети во кавадаречкиот Црвен крст околу вакцинирањето против Ковид-19. Ова за МИА денеска го потврди Анастасија Танева, гешталт психотерапевт под супервизија при Гешталт Институт Скопје, волонтер за ППП и ПСП при кавадаречкиот Црвен крст.

– Овој период, летото, повиците се понамалени. Три до пет луѓе на ниво на недела, а има се уште млади кои го користат бесплатното советување и психотерапија. Во однос на вакцините, поради близината на пунктот за вакцинирање до Црвен крст во Кавадарци, луѓето знаат да дојдат директно во Црвениот крст и да побараат насочување во однос на вакцинацијата. Најчесто, прашања за последиците поставуваат повозрасните. Тие се јавуваат на линиите, како и оние од поранливите категории на граѓани,болни, невработени и слично. Помладата популација нема искажано одредено мислење во однос на вакцинацијата. Повеќето од младите го преземаат ставот од нивните родители што тие го имаат во однос на тоа дали да се изврши имунизација или не, вели Танева.

Според неа, по подолг период, може да се каже дека населението полека го свртува вниманието кон себе.

– Населението станува посвесно за своите избори, можностите што ги има и кои се одговорностите кои доаѓаат со направените избори, појаснува Танева.

Деновиве, беше забележливо дека поголем број лица чекаат да се вакцинираат во Кавадарци. Некои од нив бараа одредена вакцина, а други не бираат, туку само им е важно да се имунизираат од коронавирусот. Поединци, во изјава за МИА, велат дека дошле да чекаат ред уште рано наутро, пред да стартува дневната вакцинација.