Тука се повеќе од 24 часа. Жителите на Синичане го дочекаа утрото протестирајќи поради стопирање на активностите за изградба на водоводна мрежа.
„Протестираме повеќе од 24 часа. Од 10 часот вчера. Веќе 24 часа“, истакна жител.
„Не знаеме точно што ќе се случи, неофицијално чекаме некоја наредба. Да си заминат полицајците кои ја попречуваат работата. Друго сѐ е во ред“, посочува жител.
„Вечерва тука ќе сме и ние. Без да си заминат, нема да си одиме и ние“, додава жител.
Донесоа и шатори, но и резервна храна.
Велат дека под отворено небо ќе го дочекаат и празникот Бајрам.
Жител: „Нема шанси да си заминеме“
Новинар: Дали ќе бидете тука за Бајрам?
Жител: Да да, нема враќање назад.
Цело време со нив беше и градоначалникот на општината Боговиње, Аљбон Џемаили.
„И инспекторите беа на местото на настанот. Секој си ја врши својата работа. Ние сме тука речиси 30 часа и одлучни сме да останеме сѐ додека не добиеме одговор од надлежните институции“, вели Аљбон Џемаили.
Од Инспекторатот велат дека ќе извршат увид и во другото село, Урвич од кое треба да се снабдува со вода Синичане.
„И покрај тоа што има одлука од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за некористење на старата цевка, бидејќи е констатирано присуство на бактерија, се сретнавме со градоначалникот на општината, а ќе се сретнеме и со претставниците на месната заедница на с.Урвич со цел да видиме дали тие побарале запирање на работата, или има нешто друго што ние не знаеме“, посочи Рахим Муслиу.
Дека водата со која се снабдувало досега с.Синичане е штетна, констатирал и специјалистот од Институтот за јавно здравје – Тетово, Ратко Давидовски.
Тој вели дека има опасност и од појавување на болести кои се пренесуваат преку водата, а кои се манифестираат со гастроинтестинални оштетувања, повраќање и дијареја, а како што објаснува, може да дојде и до посериозни болести како што е ешерихија коли.
Жителите на Синичане излегоа на протест бидејќи полицијата ги запре работните активности за изградба на водоводна мрежа. Вчера од тетовското СВР и Јавно обвинителство, рекоа дека полицијата треба да се повлече, но во Синичане и понатаму можат да се забележат полициски сили.
