Жителите на гостиварските села Горно и Долно Бањица преку протест го искажаа својот револт од градбите што се прават во Коридорот 8, бидејќи, како што велат, во околината на селата градежната компанија ископува тампон оштетувајќи ги нивните земјишта, додека на секои две недели има и експлозии кои ги вознемируваат.
„Сите едногласно велиме не за одземање на нивите од кои ја обезбедуваме нашата егзистенција. Коридорот 8 зафаќа површина од 130 илјади м2, но не можеме да разбереме како над 500-600 илјади м2 се користат за кампови и логистика. Иако законски, според член 17 од законот за експропријација, логистичкиот простор мора привремено да се одземе од жителите, со изградбата на патот се уништуваат нивите, од кои се хранат жителите, значи уништување на населението во таа земја. Во законот јасно пишува дека за логистички услуги, нивите мора да се користат привремено, затоа не и доликува на државата насилно да ги зема нивите кои се приватна сопственост на жителите“, изјави Насир Хасипи, претседател на Месна заедница Бањица.
Од месната заедница велат дека ја изнеле својата загриженост до институциите, но досега не се преземени мерки.
„Се обидовме да ја пренесеме нашата загриженост до надлежните органи, но одговор од никого не добивме. Преку медиумите и овој протест сакаме да им ставиме до знаење дека ќе ги браниме нашите права до крај согласно законот“.
На 12 септември 2023 година во село Горна Бањица започнаа градежните работи на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за пробивање на делницата од автопатот Гостивар-Букојчани во рамките на Коридорот 8.
