Жителите на Коњаре и денеска одлучија да ја спречат компанијата да врши ископ на песок во близина на нивните куќи. Земале и храна, бидејќи планираат да останат подолго. Овој пат не беа сами, беше присутна и полицијата.
Еден од нив вели дека ја оставил неговата приватна работа за да излезе на протест и за да ја спечи тешката машинерија да врши ископ.
„Јас повеќе од три месеци ја оставам работата поради овој проблем. Секој ден се будам за да одам на работа, но доаѓаат машините и јас треба да ја оставам работата за да ги спречиме и ќе продолжиме до крај. Да беше за промена на некој важен закон постапката немаше да трае толку долго како кај нас“, вели жител.
„На мака сме, притиснати сме до ѕид немаме каде да одиме, од нашите домови не можеме да излеземе. Само да ги напуштиме и нашите домови. Нека донесе одлука државата да ги напуштиме домовите, нека дојдат и нека платат и да не однесат во Скопје. Народот нема ни вода за пиење, ја запреа и ја расипаа водата“, додава жител.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, во Клик Плус рече дека го чека извештајот на Инспекторатот за животна средина и Инспекторатот за земјоделство, за да види дали има нерегуларности и доколку се утврди такво нешто, договорот веднаш ќе биде укинат.
„Прашањето не е во врска со Министерството за економија за укинување на концесијата, го чекаме извештајот од Инспекторатот за животна средина и Инспекторатот за земјоделство. Доколку во извештајот е утврдено дека концесионерот направил кршење на договорот, јас истиот ден штом го добијам тој извештај ќе предлагам во Влада укинување на договорот во Коњаре“, посочи Крешник Бектеши.
Во средно Коњаре се копа од 2008 година, и од тогаш мештаните протестираат за да се запре ископот на песок од реката и уништувањето на природата. Ова состојба, како што велат, сериозно ги погодила земјоделците и сточарите. Пред неколку дена десетици жители кои протестираа беа повикани на разговор во полициската станица поради тоа што го блокираа автопатот без најава.
