Над две третини од владеачкото мнозинство досега изјави дека оваа влада нема поддршка. ДПС е сериозен субјект и не се сомневајте дека кога ќе почнеме одредена работа, таа ќе биде успешна. Тврдам дека иницијативата за промена на Владата ќе го има потребното мнозинство, изјави денеска првиот човек на пратеничкиот клуб на црногорската опозициска Демократска партија на социјалистите (ДПС), Даниел Живковиќ, на партиската прес-конференција по повод 12-месечната работа на Владата.
Живковиќ смета дека актуелната власт го потроши времето на граѓаните и дека има погубно влијание врз државата.
Тој посочи дека лошите резултати најдобро се гледаат во безбедносниот сектор, пренесува весникот „Вијести“.
-За жал, тој сектор не може да им гарантира мир и стабилност на граѓаните. Гледаме како се однесуваат челниците на овој сектор. Тие не разговараат меѓу себе и сите се трудат да бидат газди. Кога ги гледаме именувањата во полицијата и АНБ, кога го гледаме компромисот на безбедносните служби и стравувањата што ги изразуваат меѓународните партнери, тоа доволно зборува за состојбата во овој сектор, рече опозицискиот пратеник.
