ЕВН да ги чита струјомерите четирипати годишно, бидејќи граѓаните се жалат на високи и нереални сметки, му порача Народниот правобранител, Насер Зибери на првиот човек на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски. Зибери рече дека голем број поплаки пристигнале кон крајот на 2021 година, кога всушност беше зголемена цената на електричната енергија.
-Операторот е должен еднаш годишно да ги чита струјомерите. Ние мислиме дека оваа обврска предизвикува сериозни проблеми за граѓаните, затоа бараме ова да се промени. Во разговорите на двете средби со претставниците на РКЕ дојдовме до заклучок дека регулативата ќе претрпи измени и РКЕ ќе предложи сите броила да се отчитуваат минимум четирипати годишно, а по потреба тоа да се прави и почесто. Ова ќе им помогне на граѓаните да добиваат пообјективни и пореални сметки за потрошената струја, вели Зибери.
На средбата меѓу Народниот правобранител и претседателот на Регулаторна, стана збор и за можноста граѓаните да добијат и олеснувања за плаќањето на струјата. Ова подразбира дека доколку граѓаните сакаат да имаат избалансирани трошоци за електрична енергија, тогаш сметките од зимската сезона да можат да ги префрлат во периодот кога потрошувачката и сметките се помали.
Бислимоски најави средба и со универзалниот снабдување на електрична енергија „ЕВН Хоум“ со цел да се разгледаат можностите за воведување на олеснувања во однос на плаќањето на струјата и граѓаните да имаат балансирани сметки во текот на целата година.
