По рекордниот раст на цената на златото, очекувана корекција. Дел од инвеститорите на берзите го реализираа профитот, а пазарите влегоа во фаза на смирување. Криптовалутите пак забележаа нагли падови, пред сè поради психолошкиот ефект кај инвеститорите и зголемениот ризик. Златото, кое во претходниот период достигна вредности и над 5.500 долари за унца, се соочи со пад кој во еден краток момент беше илјада долари од својот максимум. Според инвеститорите на берзите, ваквото движење не е изненадување. По силен раст, нормално е пазарите да влезат во фаза на корекција на цените. Причините за падот не се во нови негативни информации, туку во однесувањето на самите инвеститори. Дел од нив, особено оние што инвестирале порано, го искористиле моментот кога златото беше на максимум и со продажба го реализирале профитот. Ова доведе до зголемена понудата и изврши надолен притисок врз цената. Дополнително, иако вообичаено златото и доларот се движат во спротивна насока, овој пат падот на златото не е директно поврзан со зајакнување на американската валута, туку пред сè со психолошката граница што ја достигна со цената.
„Очекувано е и да има одредена корекција. Што значи тоа? Тоа значи дека при пример раст од 40-50%, пример нормално е да има 10 – 15% корекција, каде што тоа е поради тоа што тие што вложиле предходно, си го земаат профитот, продаваат. И пред се, поради психологијата, дека после голем раст следува еден вид корекција.“, вели Сашо Дракуловски.
Во моментов, цената на златото се доближува до 5.000 долари за унца. Во исто време, силен пад забележа и биткоинот. Иако дел од инвеститорите очекуваа стабилизација, пазарот реагираше спротивно. Според аналитичарите, криптовалутите остануваат високо шпекулативни средства, без јасна фундаментална поддршка. Затоа, кога ќе започне пад од 15 до 20 проценти, се активира таканаречената психолошка спирала и паниката се пренесува и кај оние инвеститори кои првично немале намера да продаваат, што дополнително го продлабочува падот.
„Јас лично не сум за такви шпекулативни средства кои што немаат вака поткрепа, но меѓутоа за инвеститорите кои се подготвени за висок ризик, тогаш ќе е ок. Но, јас претпочитам да се држат краткорочно, бидејќи фактички долгорочно не знаеме што се случува со овие криптовалути, бидејќи сепак можеби во иднина државата Америка или пак друга централна банка да си направат своите криптовалути па овие да не бидат интересни.“, вели Сашо Дракуловски.
И додека златото се стабилизира по силниот раст, а криптовалутите минуваат низ турбулентен период, пораката од експертите е јасна, пазарите не се водат само од бројки, туку и од психологијата на инвеститорите. Во вакви услови, препорачуваат вниманието и управувањето со ризикот да бидат клучни при тргувањето со акции и други берзански добра.
