Има случаи кога лица кои добиле боледување од работа одат да работат други работи или, наводно болни, објавуваат фотографии на Инстаграм од одмор! Овие случаи министерот за здравство Сашо Клековски ги посочи како злоупотреба на боледувањата.Тој рече дека скратувањето на боледувањето од седум на пет дена не треба да претставува проблем и дека целта не е малтретирање, туку спречување злоупотреби.
„Имаме бројни злоупотреби и целта на измените е да се спречат злоупотребите. Ние имаме ситуации каде што имаме луѓе што се на боледување, а на Инстаграм се сликаат на одмор во Италија, и тоа не може да се постапи ништо по тоа. Сметате дека тоа е заштита на права на работникот?!“ – вели министерот за здравство, Сашо Клековски.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека вакви злоупотреби постојат со години, и во државниот и во приватниот сектор.Според него, ситуацијата треба да се стави под контрола, но мерките што ќе се применуваат мора целосно да ги почитуваат човековите права и да бидат во рамки на законската регулатива.
„Сигурен сум дека со било кој чекор кој што би го презеле во иднина, апсолутно ќе бидат испочитувани човековите права и во никој случај никакво човеково право нема да биде загрозено од страна на ниедна институција во државата. А од аспект на контролата и од аспект на потреба за подобар институционален одговор во делот на огромната злоупотреба на боледувањата, која што не е тајна. Сите знаеме дека во изминатите повеќе години, не се две, не се пет, не се десет, богами од сам независност на државата, имаме катастрофални злоупотреби од страна на одредени чинители во рамки на овој дел еве да кажам од државниот апарат“, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Инаку, меѓу предложените измени е и намалувањето на бројот на денови на боледување што може да ги одобри матичниот лекар, од сегашните седум на пет дена. Дополнително, предвидени се контроли за да се провери дали лицата кои користат боледување се дома. Системот ќе му овозможи и на Фондот да добива информации дали лице кое користи боледување ја напуштило државата. Фондот, сепак, нема да има овластување да го спречи патувањето, туку ќе може да спроведува дополнителни проверки преку размена на податоци.
