Претседателот на СДСМ, Венко Филипче го критикуваше присуството, но и говорот, на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик од Светосавската академија во Скопје. Филипче присуствуваше на говорот, но вели дека премиерот Христијан Мицкоски требало да знае како е организиран настанот и каков министер поставил, алудирајќи на Иван Стоилковиќ кој ги пречекуваше гостите.
„Знае ли премиерот кој му е вицепремиер и во која смисла и во која форма го организира тој настан и како и во која форма се канети гостите. Дали можеби станува збор и за хибриден напад врз државата? Поради тоа што ние мора да внимаваме кои и какви гости каниме, поради тоа што сме земја-членка на НАТО“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Според Филипче, требало да се активираат и безбедносните служби.
„Треба можеби да се прашаат и безбедносните служби – знаеле ли кој ќе дојде и какви изјави ќе дава, дури дали процениле, можеби отпосле, дали се тоа изјави коишто за една земја-членка на НАТО одат против државните интереси“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Милорад Додик беше пречекан од Стоилоковиќ и во Министерството за односи меѓу заедниците, на што реагирише и претседателот на БЕСА, Биљал Касами.
„Кога зборуваме за носител на јавна функција, на јавна институција, ние треба да имаме чувствителност за позицијата што ја претставуваме. Се надевам овие се последните коментари на дотичниот министер“, изјави Биљал Касами од Беса.
Претходно и премиерот Христијан Мицкоски го критикуваше Додик.Тој рече дека не се сложува со содржината на говорот и не очекувал дека Додик ќе го злоупотреби настанот со испраќање на таков тип на политички пораки. Додик од Скопје ги критикуваше НАТО и Европската Унија, го негираше геноцидот во Сребреница и го фалеше рускиот претседател Владимир Путин.
