ЗНАМ не го дава ресорот правда – Мицкоски: Реконструкцијата ќе биде позната идната недела

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Реконструкцијата на Владата ќе биде позната идната недела, односно по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ што треба да се одржи во вторник. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски иако претходно, прекројувањето на новиот владин кабинет се очекуваше да биде овој викенд. Дали се уште не е постигнат договор со коалициските партнери околу смената на министрите, Мицкоски, не откри.

-Во вторник ќе ја имаме седницата на Извршниот комитет, сепак тоа се политички одлуки на политичко ниво треба да се донесат па дури потоа да ги операционализираме во рамките на Владата, така што во вторник, најпрво да помине седницата на Извршниот комитет па дури потоа да ги кажеме кои се ресорите и кои се имињата, изјави премиерот Мицкоски.

Неофицијално се тврди дека се уште нема договор со владиниот партнер ЗНАМ кој не се согласува да го даде ресорот правда односно министерот Игор Филков да ја напушти оваа позиција. Од оваа партија велат дека за сега се уште немаат договор и дека во разговорите се отворени сите теми.

-Ние имавме неколку средби на партиско лидерско ниво и преговарачките тимови континуирано разговараат помеѓу ЗНАМ и преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ кој што го предводи премиерот Мицкоски. На маса се сите отворени теми. Нема конечен договор за ниту едно прашање. Разговорите во континуитет продолжуваат во следните денови и очекуваме разврска на сите настани кон средината на следната недела, изјави Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ.

Од имињата кои се спомнуваат дека ќе бидат опфатени со реконструкцијата се и министерот за здравство Азир Алиу и за култура Зоран Љутков.

-Секој ден кога доаѓам на работа јас сум свесен дека може да е последен ден од политичка гледна точка, од функцијата министер. Ова е институционално прашање ова не е лично прашање бидејќи јас не аплицирав, немаше конкурс да аплицирам да станам министер туку ова е политичка функција и на крајот на денот затоа е институционално и институциите треба да одговорат кој ќе биде на чело на едно министерство или во овој случај на Министерство за здравство, вели министерот за здравство, Азир Алиу.

-Во процес се, преговори се, така да се надевам дека до крајот на оваа недела ќе ги имате сите потребни информации. Ние сме на средина на процесот. Како што кажав се уште течат преговорите ќе видиме. Како и да е, што и да се случи јас сум тука секогаш и стојам позади културата, изјави Зоран Љутков, министер за култура.

Деновиве копретседателот на ВЛЕН Биљал Касами изјави дека позицијата на партијата со реконструкцијата на Владата ќе биде многу подобра од онаа што била досега. Тој рече дека се во завршна фаза на затворање на договорот и дека како владин партнер ќе раководат со 6 министерства и дека едно од Министерството кое го побарале е ресорот култура.