ЗНАМ не ја напушта владата – Димитриевски: ВРЕДИ греши со иницирањето на излегување на ЗНАМ од Влада

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Движењето ЗНАМ нема да ја напушти владината коалиција, а во меѓувреме продолжуваат тензиите во односите со партнерот „Вреди“. Високи функционери на „Вреди“ претходно ја оценија партијата на Максим Димитриевски како мала и безначајна. Димитриевски пак одговори дека „Вреди“ треба да се насочи кон обезбедување подобри услови за граѓаните во државата, а не да се прават посилни од законот и да спроведуваат, како што вели, „дуизација“ на државата. Димитриевски, во телевизиско интервју, најави дека ќе го покрене прашањето за употребата на знамињата во институциите на владина седница, откако министрите на „Вреди“ повторно се фотографираа и со албанско знаме во кабинетите.

„Колегите од „Вреди“ многу грешат ако сметаат дека со овие гестови ќе иницираат дестабилизација на Владата или излегување на „ЗНАМ“ од самата Влада, грешат. Според мене, овде се работи за постизборен маркетинг коишто се обидуваат да го продадат на својот електорат и да се прават поголем католик од Папата.“, вели Димитриевски.

Од „Вреди“ велат дека немаат намера да ги загрозат односите со владините партнери, а нивните иницијативи се во полза на граѓаните.

„Нема такво нешто меѓу „Вреди“ и другите партнери во коалицијата. Нашите политички делувања во Владата и институциите на Република Македонија, вклучувајќи го тука и Собранието на Северна Македонија, се делувања кои ние ги имавме како дел од нашата програма и се начелно хармонизирани со коалициските партнери. Секое делување е за доброто на граѓаните и не се однесува на односите меѓу коалициските партнери во Владата.“, изјави Башким Муртези.

„Вреди“ и „Знам“, покрај за знамето, имаат несогласувања и за Албанската академија за наука и уметност и за балансерот. Премиерот Христијан Мицкоски претходно оцени дека коалицијата е стабилна и е нормално да се нема согласност за секое прашање.