ТВ21 продолжува со известување на оваа тема откако викендов објавивме дека државата и претходно давала субвенции за вработување на етнички заедници.
Субвенционирање на плати на етничка основа или поттик за вработување на ранливите групи?
Што подразбира јавниот повик на Агенцијата за вработување за субвенционирање на платите на малите и средните компании согласно мерките и програмата за вработување, каде меѓу останатите категории е наведена и ромската етничка припадност?
Директорката на АВРМ, Билјана Јовановска, вели дека ова не одредува кој ќе биде примен на работа, туку дека се прави за да се поттикнат ранливите групи, меѓу кои и Ромите за да се вклучат во мерките за вработување.
Компаниите треба да исполнат само три услови како што се: редовна исплата на платите, да работат со добивка, освен во случај на некоја инвестиција, и да не го намалуваат бројот на вработените. Не е спомнат ниту еден друг критериум кого и како да вработуваат компаниите, објаснува Јовановска. Но, зошто во овој случај треба да се издвојуваат Ромите, кога Членот 32 од Уставот јасно одредува дека – секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Меѓу другите ранливи категории кои се вклучени во мерката на Агенцијата за вработување се и поранешни затвореници, бездомници, поранешни корисници на дрога, луѓе без документи, самохрани родители и сите останати кои се повикуваат да аплицираат.
