Владата на вчерашната седница не донесе одлука за прогласување на Ангел Џамбаски и уште четири други лица за персона нон грата, а ниту денеска македонските власти немаат став за тоа дали ќе му забранат влез на бугарскиот европратеник во земјава кој постојано провоцира со изјавите дека Македонија е бугарска. Премиерот Димитар Ковачевски не одговори зошто не е донесена одлука, туку надлежностите за ова ги префрли на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Тие активности се исклучиво во надлежност на Министерството за внатрешни работи и се спроведуваат врз основа на Законот за странци. Доколку тоа лице без разлика дали е политичар или се занимава со некаква друга дејност сака да влезе во државата доколку по тие основи се идентификува од страна на Министерството за внатрешни работи тогаш се спроведува процедурата и не може да влезе во државата“, вели Димитар Ковачевски.
И Спасовски не одговори дали на 4 февруари на прославата на 151 година од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев ќе му забрани влез на Џамбаски кој веќе најави дека ќе дојде на одбележувањето на овој ден.
„Ќе одлучиме на 4 февруари“, порача Оливер Спасовски.
Сепак за одбележувањето на 4 февруари најави дека степенот на безбедност ќе биде подигнат на повисоко ниво.
„Работиме заедно со Агенцијата за национална безбедност, значи со безбедносните служби во размена на податоци и информации и на основа на тие податоци и информации Министерството за внатрешни работи ќе носи одлуки во секој поглед што ќе значи прво и основно заштита на мирот и безбедноста и второ и најважно заштита на нашиот национален интерес“, додаде Оливер Спасовски.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека за инцидентот со Пендиков бугарските власти веќе пуштиле писма до сите меѓународни организации со објаснување дека во Македонија има тешка дискриминација.
„Да, веќе го прават тоа, пуштиле писма, можам да кажам до сите меѓународни организации во однос на објаснување дека овде се води тешка политика на државна дискриминација кон Бугарија. И наша задача не е само да ја убедиме Бугарија да го смени ставот кон нас, наша задача е Бугарија да не успее да ја убеди Европската унија во однос на своите погледи“, вели Бујар Османи.
Барањето да се прогласи Џамбаски за непожелна личност го даде претседателот на државата Стево Пендаровски на седницата на Советот за безбедност. Џамбаски, пак, одговарајќи му на Пендаровски преку социјалните мрежи порача дека ќе биде допатува на 4-ти февруари да му одаде почит на Гоце Делчев.
