Алијанса за Албанците во моментов функционира во две групи. Од една страна претседателот на партијата, Арбен Таравари, а од друга претседателот на Централното собрание Зијадин Села. Но, зошто дојде до ваква поделба на партијата? Поранешниот министер за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, кој пред неколку дена беше разрешен од функција заедно со Фатмир Меџити, вели дека клучен момент била одлуката околу тоа со кого треба да коалицира партијата на изборите на 8 мај. Алиу вели дека ставот на Села – АА на избори да настапи сами, само би ѝ помогнало на ДИУ и нема да ја сруши од власт.
-Мислам дека не е искрено да се каже дека на овие избори АА ќе оди сама, а нејзина постојана цел е да ја победи ДУИ. Сметам дека тука беше нереалниот пристап кон политичките моменти во општеството. Да бидеме искрени, ако Алијанса за Албанците излезеше сама на изборите, ќе ѝ се направеше услуга само на ДУИ, на никого друг-рече Алиу.
Алиу вели дека Централното раководство имало одлука – АА на избори да излезе сама, но му дале овластување на претседателот на партијата да води преговори за коалиции, кои на крај не ги прифатиле. Но, колкави се изгледите ДУИ да падне од власт? Ова е ставот на разрешениот министер за здравство, Фатмир Меџити:
-Секогаш е можно. Па од историјата знаеме дека паѓале цели империи, не можело неколку години да паднат диктатори, да паднат императори, но паднале. Она што го слушнавме ние, го слушнавме гласот на член, симпатизер на АА и на народот, не сакаме утре да бидеме обвинети… АА секогаш била транспарентна за правење коалиции-вели Меџити.
Но, кому ќе му припадне на крај партијата, на таборот на Села или Таравари? Меџити вели дека печатите се кај Таравари, но најдобро би било за ова прашање за одлучи Судот.
-Како што знаете, легитимниот претседател на Алијанса, печатите на Алијанса, одлуката на партијата, се кај претседателот Таравари, тоа е точно, нема дилема што ќе одлучи Судот. Знаете во Македонија, особено во албанскиот политички кампус, има партии кои имаат печати, имаат претседател, но немаат гласачи, дури и тука воопшто не е важно кој утре ќе ги има печатите, туку што ќе одлучи Судот-изјави Меџити.
И поранешниот министер Алиу, вели дека ситуацијата треба да се смири и да се чека конечен судски исход.
-Мислам не смееме да креваме тензии, затоа да оставиме работите политички да стивнат, да се смират, па потоа дали ќе заврши на Суд… можеби е подобро да заврши официјално на Суд, отколку вака со две напнати групи, не е во ред-изјави Алиу.
Но, независно од тоа дали прашањето ќе заврши на Суд, Али вели дека на крајот на денот сите се браќа и не треба да се мешаат во работата едни на други.
