Илир Демири од почетокот на пандемијата е на првата линија на фронтот на Инфективната клиника во Скопје.
И инфектологот Фадиљ Цана без престан работи за спасување животи од Ковид 19. Но имињата на овие двајца лекари не се најдоа на листата 25 лекари за добивање благодарници за дадениот придонес во борбата против пандемијата. Листата ја подготви Здружението на лекари на Македонија. За овој пропуст реагираа лекари и функционери. Заменик министерот за здравство Илир Хасани на Фејсбук напиша.
„Доделувањето награди од Здружението на лекари на Македонија уште еднаш ги извади на виделина поделбите кои постојат во нашето општество врз етничка основа. Ова барем најмалку треба да се случува кај лекарите, особено во овие моменти. Најтешко паѓа фактот на непризнавање на трудот на важни лекари во оваа битка против пандемијата,кои случајно се Албанци по етничка припадност, но со големо срце по хуманизам“, рече Илир Хасани, заменик министер за здравство .
И генералниот секретар на Владата на РСМ, Мухамед Зекири, реагираше велејќи дека на списокот на лекари кои добиле пофалници има лекари кои немале контакт со ковид-пацинети.
„Во меѓувреме разбрав дека меѓу тие што добиле пофалници се наоѓаат и две докторки кој ниту еднаш не влегле и немале контакт со заболени од Ковид 19 и еден доктор кој на почеток од пандемијата 8 недели избегал на боледување. СРАМОТА“, изјави Мухамед Зекири, ген. секретар на владата.
Побаравме одговор и од Здружението на лекари на Македонија, со какви критериуми е направен изборот на лекари кои добиле пофалници, но од таму не добивме одговор.
Работата на двајцата најдобри лекари најдобро ја оценуваат граѓаните, при што илјадници пофалби на социјалните медиуми одат на нивна адреса.
