Градоначалникот на Кавадарци купувал гласови за 1.000 денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов доби затворска казна во траење од два месеци и парична казна од 25 илјади денари. Од страна на Основниот суд Кавадарци, тој е осуден за купување гласови на последните парламентарни избори. Во своја одбрана, Панов вели дека е жртва на судија кој што и се додворува на власта, и додаде дека ќе поднесе жалба.

„Станува збор за одлука која е базирана на лажно сведоштво кое два пати беше сменето, без никаков материјален доказ. Знам дека судијата и се додворува на актуелната власт, која ги гони своите неистомисленици. Но, порано или подоцна, вистината ќе излезе на виделина“, напиша Панов на својот „Фејсбук“ профил.

Иако за овој случај, истрагата во Основниот суд Кавадарци трае од декември минатата година, на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајче Димков не му е познат случајот.

„Вашиот коментар за градоначалникот Александар Панов, кој е осуден на два месеци затвор?

-Да ви кажам прв пат слушам за таков случај…Ќе се информирам и ќе ви одговорам.

Еве јас Ве информирам…Осуден е на два месеци затвор и парична казна од 25 илјади денари за купување гласови во текот на изборниот процес, вашиот кандидат, Александар Панов.

-Во моментов не можам да ви одговорам ништо. Навистина не сум запознаен со случајот“, истакна Димков

Уште тогаш, ТВ21 најде сведок кој тврдеше дека видел граѓани од ромска националност како добиваат пари за да гласаат.

„Еден човек зема пари, но не сакаше да го фотографираме. Во раката имаше 1000 денари. За тоа имаме и фотографија. Имаше околу 30, 40 Роми“.

За ваков прекршок законот предвидува затворска казна од 1 година, но судијата при конечната пресуда го зема во предвид фактот што обвинетиот не бил осудуван досега. Панов не се појави на денешното рочиште на кое беше изречена казната, а во средата тврдеше дека не е виновен. Но, сведокот Сали Мемедов го тврдеше спротивното, и пред судот рече дека Панов му дал 1000 денари за да гласа за ВМРО-ДПМНЕ.

Без разлика на затворската казна, Панов ќе може да се кандидира на претстојните локални избори, барем така вели законот.

ИЗБОРЕН ЗАКОНИК , член 7 (3) Кандидат за пратеник, член на совет и градоначалник не може да биде лице кое:

– е осудено со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци, чие

издржување се уште не е започнато и

– се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело, се вели во законикот.

Панов е втор по ред градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој има проблеми со законот. Претходно Владимир Талески три месеци беше во куќен притвор, пред Апелација да ја смени одлуката на судија на претходна постапка и да ја преименува во мерки на претпазливост.

Во случајот „Транспортер“ СЈО го обвини Талески дека заедно со уште неколку лица, соработници од училиштата и фирми транспортери, го злоупотребиле општинскиот буџет на Битола за 360.000 евра во скандалот со превозот на ученици.

Фуркан Салиу