Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, очекува студентите да го прифатат предложениот договор за зголемување на субвенционираниот студентски оброк, со кој се предвидува месечниот износ да порасне од сегашните 3.500 на 4.500 денари.
При посетата на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда, Јаневска изјави дека начелно е постигната согласност и дека се очекува конечен одговор од студентските претставници.
„Начелно мислам дека имаме договор. Очекувам одговор од студентите, но не се сомневам дека ќе го прифатат тој договор и дека на задоволство и нивно и наше, повторно оваа Влада ќе биде со студентите“, изјави Јаневска.
Таа нагласи дека подобрувањето на студентскиот стандард останува еден од приоритетите на Владата, додавајќи дека младите се иднината на државата.
Според предлогот што премиерот Христијан Мицкоски го презентираше пред претставниците на студентските парламенти, покрај зголемувањето на месечниот износ за 1.000 денари, се предвидуваат и дополнителни попусти при купување храна, како и воведување дигитална услуга преку апликацијата „М.услуги“.
Конечната одлука сè уште се очекува, а од Министерството за образование изразуваат оптимизам дека предложеното решение ќе биде прифатено од студентите.
