Шест лица загинаа во пад на хеликоптер на Хималаите во Индија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шест лица, меѓу кои и пилотот, загинале денеска во пад на хеликоптер во индиската сојузна држава Утараканд, на подрачјето на Хималаите. Леталото се урнало за време на летот од познатото хиндуистичко аџилак-одредиште Бадринат кон градот Дехрадун, пренесува индиската новинска агенција АНA, повикувајќи се на претставник на државната управа за цивилно воздухопловство.

Во хеликоптерот имало пет патници и пилот, а сите шест лица го загубиле животот, изјавил Пратик Џаин, извршен директор на Управата за развој на цивилното воздухопловство на Утараканд (UCADA).

Од Управата соопштиле дека хеликоптерот полетал од Бадринат, едно од значајните хиндуистички аџилак-одредишта сместени во планинскиот регион, и се упатил кон Дехрадун.

Причините за несреќата засега не се наведени.