Кризата удри по државната каса – „Ослободување на фирмите од данок на личен доход и на добивка“, вели Лукаревска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Намалување на приходите на буџетот од околу 12 проценти, пад на ДДВ од околу 17 проценти а кај данокот на добивка е скоро 11 проценти, е билансот на државната каса за март годинава во однос на истиот период лани. Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, информираше дека значителен пад се бележи во април.

„Има пад на ДДВ од 79 проценти со назнака за зголемен поврат од 51,7 проценти. Пад на данокот на личен доход 6 проценти и пад на добивката од 9,97 проценти или вкупно споредбено со истиот период лани од 1 до 14 април 2019 година има пад на приходите од 38, 15 проценти“, истакна Сања Лукаревска.

Лукаревска ја претстави и новата мерка за ослободување на плаќање на аконтации на данок на личен доход и од данок на добивка за месеците март, април и мај. Таа истакна дека мерките се однесуваат на фирми со угостителска дејност, туризмот и транспорт, но и други кои имаат штета во работењето. За да се користи ова ослободување директорката на УЈП ги наведе условите.

„Да не исплатуваат дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на даночниот обврзник, од денот на влегување на сила на уредбата со законска сила до денот на траењето односно 15 јуни 2020 година. Исто така да не го намали бројот на вработените сметано од 26 март до три месеци по престанувањето на нејзината важност“, додава Лукаревска.

Фирмите од другите дејности можат да го искористат ова ослободување но под други услови и тоа вкупните приходи да им се намалени за најмалку 40 проценти во тековниот месец во однос на месец февруари или намалувањето на вкупните приходи за годинава да бидат повеќе од 40 проценти во однос на истиот период минатата година. Потоа бројот на вработените кои не работат поради мерките да изнесува најмалку 25 проценти или фирмата да има затворено најмалку половина од продажните места кои ги има.