10 години од трагичните поплави во Скопје: Загинаа 22 лица, малата Елиф сѐ уште се води како исчезната

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денес се навршуваат десет години од катастрофалните поплави на 6 август 2016 година, една од најтешките природни катастрофи во историјата на Македонија. Обилните врнежи од дожд и силното невреме го погодија скопскиот регион, при што животот го загубија 22 лица, повеќе од 60 беа повредени, а беа предизвикани и огромни материјални штети.

Трагична остана и судбината на 16-месечната Елиф Фејзула, која исчезна во поплавите додека била во возило со својот татко, кој исто така го загубил животот. Малата Елиф сѐ уште се води како исчезната.

Во поплавите најпогодени беа населбите Стајковци, Смилковци, Сингелиќ, како и општините Арачиново и Илинден, односно селата Страчинци, Црешево, Виниче и Инџиково. Поплави беа регистрирани и во неколку села во тетовскиот регион, меѓу кои Шипковица, Бродец, Вешала и Порој. Повеќе од илјада граѓани беа евакуирани, а илјадници домови беа поплавени или претрпеа сериозни оштетувања.

Според официјалните податоци, во Скопје за само 24 часа наврнале околу 93 литри дожд на квадратен метар, додека нивото на водата во одделни подрачја достигнало и до еден и пол метар. И една деценија подоцна, поплавите од 2016 година остануваат болно потсетување на последиците од екстремните временски услови и на потребата од поголеми инвестиции во заштита од природни катастрофи.