„100 дрвја за 100 вработени“ – „CeaCon“ со еколошка донација во неколку општини

НАЈНОВИ ВЕСТИ

100 дрвја за 100 вработени – колку што брои компанијата. Ова е донацијата на компанијата за проектирање и градежништво „CeaCon“. Сопственичката Рина Шерифи вели дека иницијативата е покрената со цел да се придонесе кон раззеленување на Тетово и другите градови. Таа истакна дека дрвјата ќе бидат засадени во повеќе општини и упати апел до сите компании кои имаат можност да дадат свој придонес, за градовите да станат позелени.

„Би им предложила и на другите компании да преземат ваква иницијатива за да имаме што позелен град. Ние како компанија ја започнавме оваа иницијатива за да живееме почисто во средината во која живееме. Во Тетово ќе бидат засадени 24 дрвја, потоа ќе продолжиме во Теарце и во другите градови, каде што вкупно ќе бидат засадени 100 дрвја. Тие симболично ги претставуваат 100-те вработени во нашата компанија.“, порача Рина Шерифи.

Директорот на Јавното комунално претпријатие, Самет Бислими, изјави дека ваквите донации се добредојдени и ги повика сите граѓани и компании да придонесат кон раззеленување на градот.

„Најнапред ѝ се заблагодаруваме на компанијата „CeaCon“. Секоја ваква иницијатива е добредојдена. Познато е дека на Тетово му се потребни повеќе дрвја и зелени површини. Колку повеќе зелени површини имаме, толку почист воздух ќе имаме. Би им препорачал и на другите компании да го следат примерот на „CeaCon“, за да создадеме почиста и позелена животна средина.“, вели Самет Бислими.

Ваквите иницијативи за донирање и засадување дрвја претставуваат значаен придонес за раззеленување на градовите и подобрување на квалитетот на воздухот. Акцијата има за цел да ги поттикне и другите компании активно да се вклучат во заштитата на животната средина и создавање почиста околина за сите.