Ова е “Илинденка“, првиот авион во Македонија чие прво полетување беше во 1955. Беше изложен на спортскиот аеродром Стенковец во Скопје на одбележувањето на 100 годишнината од авијацијата на Македонија.
По тој повод беа изведени и маневри со авиони.
Пилотите од земјава не ги убедивме да зборуваат, но еден кој беше дојден од Србија ни раскажа за чувството како е да се управува авион.
-Нема тука страв. Имаше селекција за идните пилоти, така како што и ние работиме сега. Можеби на почеток има малку, но потоа станува рутина и се е тоа во рамките на службата“.
Присутни беа и владини претставници од земјава и Србија.
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека правецот по кој се движи Северна Македонија е создавање напредна држава, економски силна и европска.
Денес, Северна Македонија е во стратешко партнерство со северноатлантските земји, односно НАТО, кои се грижат и за воздушната одбрана на нашата земја. Ако пред 100 години Србија, тогаш СХС беше таа што ги постави темелите на воздухопловството во Македонија, сега Грција ја врши воздушната патрола над нашата земја како сојузник во НАТО, додека Србија се чини дека е далеку од влез во Северноатлантската алијанса.
Сепак, за министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денешниот аеромитинг е добар показател за воспоставување подобри врски меѓу Македонија и Србија, но и за одржување на мирот и безбедноста.
„Одбележувањето на 100-годишнината од македонското воздухопловство во Скопје е добра можност да ги ставиме во функција сите неискористени потенцијали кои несомнено постојат за натамошен развој на нашите односи. Нашите две земји имаат братски односи, како и одлична соработка во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ и други регионални форуми.“, рече Дачиќ.
Покрај македонската и српската авијација, учествуваа и цивилна и воена авијација од Република Италија, Грција и други земји.
