100 ученици помалку во ОУ во Тетово – во средните само 845 ученици, а минатата година биле 1.550

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Бројот на запишани ученици во основните училишта во Тетово е намален за 100, а во гимназијата „7 Март“ се запишани само 24 ученици. Но, од општинскиот Сектор за образование смируваат, велејќи дека сѐ уште има време за упис.

„Не е некоја драстична разлика во однос на бројот на учениците. Всушност во уписите што ги имаме и кои ги имавме до крајот на мај, станува збор за разлика од 100 ученици Албанци, Македонци и Турци, меѓутоа верувам дека овој број ќе биде ист кога во септември ќе стартува учебната 2022/23“, посочи Назми Даути.

Во средните училишта во Тетово, од 1.550 ученици колку што имало минатата година, досега се запишани само 845. Назми Даути вели дека ова е последица на тоа што учениците кои не ги исполнувале условите за упис, аплицирале, но не биле примени во Средното медицинско образование „Никола Штејн“ и гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Во гимназијата „7 Март“’ пак, досега се запишани само 24 ученици.

„Некои ученици кои и во првиот и вториот уписен рок не ги задоволуваа условите или не го постигнале предвидениот број бодови за прием во Средното медицинско училиште или гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, се пријавиле и во гимназијата, и во медицинското училиште. Иако системот им го дозволува тоа, не може да им се забрани да се пријават, меѓутоа оние ученици кои нема да ги исполнат условите за во Средното медицинско или пак, ако се пополни бројката на ученици во „Кирил Пејчиновиќ“, ќе треба да се упатат во гимназијата „7 Март“ и да се запишат таму“, додава Назми Даути. 

Дали падот на бројот на ученици е поради иселувањето на граѓаните или опаѓање на наталитетот, останува да се дознае во септември, кога официјално стартува образовниот процес во основите и средните училишта.