Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија, Турција, каде што ги потврди македонските заложби за климатска акција и ја нагласи потребата од праведна транзиција кон чиста енергија.
Таа укажа дека со третиот Национално утврден придонес(NDC 3.0), државата се обврзува да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за најмалку 80% до 2035 година, со цел постигнување климатска неутралност до 2050 година. Како што посочи, амбициите се преточуваат во политики преку претстојниот Закон за климатска акција, ажурираниот Национален план за енергетика и клима и Патоказот за праведна транзиција, усогласени со Реформската агенда на ЕУ и Националната развојна стратегија 2024–2044.
За Сиљановска-Давкова, енергетската транзиција мора да биде праведна и прифатлива, без дополнително оптоварување на семејствата погодени од енергетската сиромаштија и загадувањето. Притоа, посебно внимание треба да се посвети на жените, децата и младите. Таа посочи дека за остварување на климатските цели неопходно е предвидливо меѓународно финансирање, достапен капитал, технологија, градење капацитети и силни партнерства.
Според Сиљановска-Давкова, за климатските амбиции да странат остварливи, солидарноста треба да се потврди преку конкретни инвестиции, коишто ќе им овозможат на државите подготвеност за дејствување. „Нашата амбиција мора да биде усогласена со предвидливо меѓународно финансирање, достапен капитал, технологија, градење капацитети и силни партнерства. Солидарноста мора да се мери не само со зборови, туку и со инвестиции што им овозможуваат на земјите подготвени да дејствуваат. Ова не е повик да ја намалиме нашата амбиција, туку истата да ја направиме остварлива“, нагласи претседателката.
„Да си заминеме од Анталија откако амбицијата ќе ја претворивме во имплементација, а солидарноста во вистинска инвестиција. Нашите деца заслужуваат безбеден, здрав свет и шанса не само да преживеат, туку и да напредуваат“, порача претседателката на лидерскиот самит.
