117 години од Илинденското Востание – Македонци, Албанци, Власи и Срби здружени против османлиите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Поминаа 117 години од Илинденско востание кое започна на 2 август 1903 година против османлиската власт. Еден дел од професорите велат дека во учебниците по историја недостигаат материјали каде се опишува востанието на Илинден во 1903-та година и придонесот на Албанците во овој период. Зошто е тоа така ја прашавме професорката по историја Наташа Котлар.

„Во учебниците отсуството на придонесот на албанската страна секако дека е резултат на она што го има во документацијата“, рече Котлар.

Таа додава дека сите етнитети заедно се бореле против отоманската империја.

„Пораката за соживот која што е упатена од Крушевската република ја доживува вистинската реализација за време на Втората светска војна, кога партизанските одреди се исполнуваат и со Македонци и со Албанци, Турци, Власи, Срби. Значи така вистинска организација која требала да се случи 1903-та година се случува 40 години подоцна“, рече Котлар.

Илинденското востание е едно од најсветлите поглавја во историјата на македонскиот народ. Добро е познато дека органите на власт што ги воспоставиле востаниците во Крушево биле одраз на верско-етничката различност на населението на Крушево и дека свесната намера на Горското началство на чело со Никола Карев била сите „народности“ да земат рамноправно учество во власта и никој да не се чувствува запоставен поради својата вера или етничка припадност.