Во секоја четврта фирма неправилности – ДПИ: При 509 надзори, 124 казни вредни над 58.000 евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во секоја четврта компанија низ земјава, каде што влегле Пазарните инспектори, откриле неправилности и незаконско работење. За една недела при 509 надзори, биле издадени 124 казни вредни над 58.000 евра. Најмногу се прекршувале Законот за трговија и тој за Финансиска дисциплина.

„Најмногу надзори се спроведени по Закон за трговија, извршени се 166 надзори, издадени се 47 прекршочни платни налози. За Закон за заштита од пушење, извршени се 21 надзори, издадени се 12 прекршочни платни налози. По Закон за угостителска дејност, извршени се 49 надзори, издадени се 14 прекршочни платни налози. По Закон за финансиска дисциплина, извршени се 107 надзори, издадени се 42 прекршочни платни налози“, велат од ДПИ.

Неправилности имало и во почитувањето на Законот за заштита на потрошувачи. При 38 надзори, издадени биле 2 прекршочни платни налози, исто колку и по Закон за занаетчиство, каде неправилностите биле утврдени при 43 контроли. Четири казни имало за прекршување на Закон за метеорологија. Една по Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност.

„Изречени се 43 опомени, по што ќе следуваат контролни надзори. Инспекторатот продолжува со континуирани и засилени контроли за почитување на законите и заштита на потрошувачите“.

Од инспекторатот соопштија дека постапуваат во согласност со законите и годишниот и месечен план за работа. Но, покрај редовните надзори, постапуваат и по пријави од граѓаните и институциите. Инаку контролите на инспекторите се засилени и за да се спречи раст на цените на храната поради конфликтот на Блискиот исток. Државниот завод за статистика измери дека во март трошоците на живот пораснале за 4,9 проценти во однос на март лани. А трошоците за храна пораснале за 7,5 проценти.