12 годишно момче загина од огномет во Холандија – ограничен или откажан дочекот на 2022 во светските метрополи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Момче на 12-годишна возраст загина, а уште едно дете е повредено во инцидент со огномет во Холандија. До несреќата дошло во Хаксберген, мал град на истокот од земјата, во близина на границата со Германија, додека децата набљудувале маж како испукува огномет со помош на уреди изработени во домашни услови, објави Гардијан. Прославата со огномети во оваа земја веќе втора година по ред е забранета.

Њујорк ја прослави Новата година на Тајмс Сквер, каде насобраните луѓе, беа многу помалку од претходните години пред пандемијата. Во Њујорк, 15.000 луѓе, како што беше пропишано со епидемиолошките мерки, во студената ноќ гледале како топката тешка 6 тони се спушта, опкружена со речиси 2.700 кристали. Градските власти инсистирале да се одржи новогодишна прослава, за разлика од минатата година, со цел да ја покажат отпорноста на градот дури и во времето на повторното појавување на коронавирусот.

Главниот град на Франција, Париз, ја дочека 2022 година со рестриктивни мерки, но и покрај тоа голем број луѓе излегоа на улиците.Ајфеловата кула беше обоена во сина боја со ѕвездите на Европската Унија, што го означи почетокот на француското претседателство со ЕУ, пренесоа француските медиуми. Многубројните прослави беа откажани и пред Божиќ, поради ширење на сојот омикрон и голем број заразени лица.На Елисејските полиња во Париз имаше неколку илјади туристи, кои главно носеа маски и се фотографираа за спомен. Недостасуваше традиционалниот огномет, планираните концерти на Елисејските полиња париските власти ги откажаа.

Над црквата Свети Василиј и во Кремљ беше организиран огномет. Црвениот плоштад беше празен поради ограничувањата. Рускиот претседател Владимир Путин во новогодишното обраќање рече дека Русија ги брани своите интереси цврсто и доследно и предупреди дека коронавирусот сè уште не се повлекува.

Обединетото Кралство ја дочека 2022 година со голем „бенд“ и забави кои се одржаа низ земјата, како и огномет кој се врати во Лондон по едногодишна пауза поради пандемијата. Небото над Лондон беше осветлено со голем огномет, додека илјадници граѓани го следеа пиротехничкото шоу над Темза. И покрај големиот број на заболени од Ковид, Британците се радуваа и наздравија за Нова година, а на љубителите на забави во Англија им беше дозволено да одат на забави со пропусници.

Грција влезе во 2022 година под сенката на новиот негативен рекорд во бројот на заболени од Ковид, 40.560, додека омикронот се шири со голема брзина. Во Атина се одржа традиционален новогодишен концерт, кој се емитуваше на телевизија. Без присуство на публика се пукаше огномет, а изостанаа и новогодишните настани во другите делови на Грција, објави „Катимерини“.