Брза реакција на Град Скопје по прекинот на електричната енергија во близина на Собранието!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По повеќечасовниот прекин на електричната енергија во дел од центарот на Скопје, од Град Скопје реагирале и најавиле конкретни мерки за надминување на проблемот. По наредба на градоначалникот, градските служби ќе се вклучат во активностите за што побрзо нормализирање на состојбата, иако отстранувањето на дефектот во електродистрибутивната мрежа не е во нивна директна надлежност.

Речиси пет часа дел од строгиот центар на главниот град остана без електрична енергија, а прекинот зафати повеќе државни институции, станбени и деловни објекти, меѓу кои Управниот суд, објекти во околината на Државниот пазарен инспекторат, Државниот завод за статистика и Телевизија 21.

Проблемот се појави во близина на Собранието, каде што во моментов се изведуваат градежни активности за изградба на нов паркинг-простор.

По наредба на градоначалникот, екипи на Град Скопје ќе се вклучат во координација со надлежните служби и ќе обезбедат поддршка за што побрзо санирање на дефектот и повторно воспоставување на снабдувањето со електрична енергија.

Истовремено, во текот на утрешниот ден, посебна екипа на Град Скопје ќе интервенира на просторот зад Собранието, каде што ќе биде поставено ново улично осветлување, со цел овој дел од центарот да добие соодветно осветлување и да се подобри безбедноста на граѓаните.

Иако проблемот со електричната енергија не е во директна надлежност на Град Скопје, градските служби ќе помогнат во неговото побрзо надминување, додека проблемот со уличното осветлување ќе го решаваат со сопствена интервенција.

Ова е втор ваков прекин на електричната енергија во последните неколку недели на ова подрачје, што дополнително ја нагласува потребата од трајно решение и подобра координација при изведувањето на градежните работи.

Точната причина за дефектот и евентуалната поврзаност со градежните активности допрва треба да бидат утврдени.

Со најавените активности се очекува побрзо нормализирање на снабдувањето со електрична енергија, како и трајно подобрување на уличното осветлување во овој дел од центарот на Скопје.