12 загинати, над 30 повредени и повеќе пожари по руските напади со балистички ракети врз Киев

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дванаесет луѓе загинаа, а повеќе од 30 беа повредени во Киев рано утринава од нападите на Русија со балистички ракети, соопштија украинските власти, додавајќи дека во нападот биле оштетени бројни објекти и бил прекинат доводот на електрична енергија во делови од украинската престолнина.

Пожар избувнал во деветкатна станбена зграда во градската населба Соломјански, при што биле уништени нејзините горни катови. Во овој дел од градот загинале седум лица, изјави градоначалникот Виталиј Кличко, кој побара петок да биде прогласен за Ден на жалост.

Оштетувања биле регистрирани и во уште две градски населби, објави Кличко на Телеграм. Погодени биле нестанбени објекти, магацини, училиште и детска болница.

Енергетската компанија ДТЕК соопшти дека успеала да ја врати електричната енергија за повеќе од половина од околу 90.000 домаќинства кои останале без струја по нападот врз главниот град.

Русија во последните месеци ги засили воздушните напади врз Украина, настојувајќи да го искористи критичниот недостиг од ракети-пресретнувачи кај украинската одбрана, кои се неопходни за соборување на балистички ракети.

О друга страна, руските власти соопштија дека Москва извршила напади врз Киев и околниот регион со воздушни удари и беспилотни летала, при што биле погодени постројки за производство на компоненти за дронови, воен магацин, логистички центар и други цели.

Украинската служба за вонредни состојби објави видеоснимки на кои се гледа како припадници на спасувачките служби се борат со голем пожар во една зграда и им помагаат на луѓето да се евакуираат од објектите уништени во текот на ноќта во Киев.

За време на рускиот напад врз Украина, беспилотно летало се урнало на територијата на Романија, земја-членка на НАТО и Европската Унија, соопшти романското Министерство за одбрана во четвртокот. Друг дрон, според молдавската армија, го нарушил и воздушниот простор на Молдавија.

Во овој период, и Украина ги засили нападите врз Русија, насочувајќи ги кон нафтени постројки и логистичка инфраструктура, со цел да ја ослаби способноста на Москва да ја продолжи војната.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски овој месец изјави дека Украина им предала предлози на американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер за план за завршување на војната. Тој повеќепати побара и испорака на ракети-пресретнувачи за одбрана од руските ракетни напади.

Но од друга страна, Русија, како што изјави портпаролката на руското МНР, Марија Захарова за весникот „Известија“, не добила конкретни предлози за можни нови средби со американските преговарачи, иако вели дека Москва е подготвена да организира средба во краток рок.

Виткоф и Кушнер последен пат престојуваа во Москва во јануари оваа година и сè уште не го посетиле Киев.

Дипломатските напори досега не успеаја да обезбедат траен прекин на огнот во војната, која започна со целосната руска инвазија врз Украина во февруари 2022 година.