Медицинска сестра од Здравствен дом, Куманово е последната заразена пациентка со Ковид-19. Во текот на вчерашниот ден се регистрирани три случаи на здравствени работници заразени со ковид 19, една медицинска сестра и двајца техничари, извести директорот на Центарот за јавно здравје во Куманово, Ариф Љатифи. Тој рече дека до сега со коронавирус се заразени 18 здравствени работници.
„Според нашите податоци околу 18 здравствени работници, од нив тројца лекари, другите среден медицински персонал, како медицински сестри и еден рентген техничар“, истакна Ариф Љатифи.
Откако почна епидемијата во земјава, во Куманово до сега се земени 600 примероци од граѓани за тестирање дали имаат Ковид-19., а само во текот на денешниот ден се тестирале 70 лица. Атифи рече дека има доволно тестови во Куманово и ги објасни методите на тестирање.
„Ние имаме неколку начини за контактирање на овие пациенти, првиот начин е преку матичните лекари, денеска имаме 10 пациенти од матичните лекари. Втор начин е медицинскиот персонал кој оди дома да земе брис од пациентите со високк ризик, од контакти со пациенти кои се носители на овој начин, и трет начин е масивен скрининг. Денеска имаме направено околу 50 тестирања во болницата на здравствените работници кои имале контакт со пациенти кои се носители на овој вирус“, додаде Љатифи.
Денеска има нови 8 случаи на Ковид-19 во Куманово, а вкупниот број се искачи на 122. Директорот на Центарот за јавно здравје, Ариф Љатифи рече дека очекува следните две недели да бидат критични во Куманово и да порасне бројот на заразени. Тој ги замоли граѓаните да бидат искрени во давањето изјави пред лекарите, да не кријат дали имаат симптоми или дали биле во контакт со заразени лица и порача да останат дома. Инаку Центарот за јавно здравје во Куманово е единствен во североисточниот регион, и во овој Центар работат само двајца епидемиолози. Помагаат и регионалните единици на овој институт, во Крива Паланка кој располага со само еден епидемиолог и во Кратово каде исто така има еден епидемиолог.
Љатифи рече дека имаат екипа, униформи и заштитни средства.
