Србија: Студентското движење бара оставки во РТС, медиумскиот еснаф одземање на дозволата на „Информер“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), заедно со 32 потписници – организации на граѓанското општество, медиумски здруженија и претставници на универзитетски студии по новинарство, поднесе иницијатива до Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) за одземање на дозволата за емитување на телевизијата „Информер“. „Иницијативата е одговор на долгогодишно и систематско кршење на законите и програмските обврски што РЕМ досега не ги санкционирал“, соопшти НУНС.

Истовремено, студентската листа упати отворено писмо до раководството на РТС, Советот на РЕМ и српското Собрание, барајќи оставки од генералната директорка, нејзиниот заменик и уредниците на информативната програма. „Граѓаните имаат право на вистинито, целосно, непристрасно и навремено информирање за прашања од јавен интерес“, наведуваат студентите во писмото.

Тие го обвинуваат РТС за селективно известување, привилегирање на владини функционери и недоволно критичко проверување на нивните изјави. Бараат и привремена управа што ќе обезбеди уредничка независност до изборот на ново раководство. За РЕМ, студентите бараат транспарентност во одлучувањето, објавување на релевантната документација и образложение за постапувањето во случајот со „Информер“. Одговор на барањата побарале во рок од седум дена.

Во меѓувреме, директорката на РТС, Мања Грчиќ, на средба со синдикатите изјавила дека нема да поднесе оставка.

Студентската листа, реагирајќи на упадот на демонстранти во просториите на „Информер“, се огради од таквите постапки: „Не поддржуваме упади во институции и медиуми, ниту повикуваме на нив“.

„Медиумите ќе ги ослободуваме во Собранието, со институционална борба за слобода и професионално новинарство“, порачаа студентите.