Болсонаро по изборниот пораз го напуштил Бразил и се упатил кон САД, известија бразилски медиуми

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Крајнодесничарскиот сенатор Флавио Болсонаро, според извештаи во повеќе медиуми го напуштил Бразил и се упатил кон САД, откако на неделните претседателски избори загуби од актуелниот левичарски претседател Луис Инасио Лула да Силва, извести британски Гардијан.

Повикувајќи се на извори блиски до семејството на политичарот, веб-страницата „Метрополис“ објавила дека тој патува кон САД. „Авионот е во лет“, објави медиумот, без да прецизира од каде полетал.

Соработници на Болсонаро за „Метрополис“ изјавиле дека тој треба да слета во Флорида во вторник попладне и дека планира да побара политички азил. „Администрацијата на Доналд Трамп е информирана“, тврди овој портал.

Негови соработници потврдиле и за весникот „Фоља де Сао Пауло“ дека тој се упатил кон САД, наведувајќи дека планот за заминување бил „организиран и овозможен од адвокат близок до семејството Болсонаро“. „Се очекува авионот да слета за неколку часа“, објави весникот.

И телевизијата Си-Ен-Ен Бразил извести дека Болсонаро рано утрото го напуштил Бразил и заминал во САД со сопругата и двете ќерки.

Пратеници од Работничката партија на Лула побарале од Врховниот суд да нареди апсење на Болсонаро и неговото име да биде внесено на црвената потерница на Интерпол. Според весникот „О Глобо“, за време на состанок со пријатели и адвокати во понеделникот, поразениот кандидат изгледал „како опседнат“ и јасно покажал дека се плаши од апсење.

Судија на Врховниот суд наредил поништување на пасошот на Болсонаро само неколку минути по објавувањето на изборните резултати, во рамките на одлука поврзана со кривична постапка против сенаторот, во која федералната полиција проверува дали бил вмешан во шема за перење пари вредна околу 680 милиони фунти (905 милиони долари), поврзана со компании за обложување.

Тој имал рок до 11 часот да го предаде документот на федералната полиција, но не се појавил. Болсонаро има италијанско државјанство од 2023 година и, според извештаите, поседува и пасош од таа европска земја.

Болсонаро сè уште не го признал поразот од Луис Инасио Лула да Силва. Во понеделникот објави видео во кое, коментирајќи ја одлуката за поништување на неговиот пасош, изјави: „Никогаш не сум размислувал да ја напуштам земјата“. Весникот „Фоља де Сао Пауло“, пак, објави дека соработници од најблискиот круг на семејството Болсонаро биле информирани дека тој навистина заминал во Аргентина и дека од таму има намера да отпатува за САД.

Бидејќи нема евиденција дека поминал низ некој од официјалните бразилски гранични премини, федералната полиција се обидува да утврди од аргентинските власти дали постои запис за негово влегување во земјата. Аргентинската телевизија „Тодо Нотисијас“ објави дека сенаторот наводно пеш ја преминал границата со Аргентина, но се откажал од планот да се качи на авионот откако во јавноста протекле информации за неговото движење.