140 пациенти чекаат за трансплантација на органи, 30 пациенти во Македонија живеат со механичка потпора на срце

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Живот на батерии. Вака Боре Минов, член на Здружението „Храбро срце го опишува животот на повеќе од 30 пациенти со механичка потпора на срцето. Најмалиот пациент е неколкумесечно бебе. Овие пациенти немаат едноставен живот. Секоја недела имаат преврски, проверка на електрониката, контроли и еден куп лекарства.

„Да објаснам – елват е со една пумпа, каде што на едната комора од срцето се помага за пациентот да функционира, а биват е кога и двете комори мора да се потпрат со механичка потпора и тие лица носат две пумпи. Прво е тежината на тие механизми, затоа што покрај тоа што во срцето се наоѓа одредена машина, и надворешните батерии имаат своја тежина, а тежат од три до пет килограми и пациентот секогаш покрај проблемите што ги има, е оптоварен од тоа што мора да го носи. Тука се и проблемите со капање, движење.“, рече Минов.

Во разговор за МИА, Минов посочува дека изминатите години пациентите со механичка потпора на срцето имаат голема поддршка од Министерството за здравство. Ваквите интервенции во просек чинат околу 100.000 евра, но трошокот за механичка потпора на срцето целосно го покрива државата.

„Животот на еден пациент пред и после се разликува за 360 степени. Тоа не е едноставен начин на живеење. Тоа е живот на батерии. Пациентот е нон -стоп приклучен на батерии и зависи од таа потпора како понатаму неговиот живот ќе продолжи. Колку е тоа скапо, евтино, тоа е веќе релативно, кога се работи за живот. Но, можам да кажам дека по нашиот македонски стандард, доста е скапо одржувањето на еден таков пациент“, изјави Минов.

Поклон до земја за семејствата кои ја носат најхуманата одлука да ги донираат органите на некој нивни близок кој починал, велат Маја Мојсова-Мијовска, национален координатор за трансплантација и Борче Минов од здружението „Храбро срце“. Во последните неколку години, оценуваат тие, расте свеста кај македонските граѓани за органодарителството.

Во моментов, вкупно 140 пациенти чекаат за трансплатација на органи. Во земјава има Закон за трансплантација на органи и органодарителство од 2013 година, но Мојсова-Мијовска за МИА открива дека од страна на ЕУ обезбеден е грант за реализација на проект, во кој освен кампањa за подигнување на свеста кај населението за органодарителство, се очекува да пристигнат и експерти од ЕУ, кои треба да укажат во кој дел би требало да има измени во законот со цел тој да се усогласи со европската регулатива. На оваа тема, најнапредна на Балканот и меѓу првите држави во Европа е Хрватска.