Даниела Димовска стапи на чело на Кривичниот суд во Скопје: Приоритет ќе бидат ажурноста и намалувањето на старите предмети

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Даниела Димовска денеска даде свечена изјава пред Судскиот совет и официјално ја презеде функцијата претседател на Основниот кривичен суд Скопје.

Најави дека во нејзиниот мандат приоритет ќе бидат одржувањето на ажурноста на судот, намалувањето на бројот на старите предмети и зголемувањето на транспарентноста.

Во интервју за „Телма“, Димовска истакна дека во изминатите 14 месеци судот успеал значително да го намали бројот на предмети и на старите нерешени случаи.

„Со давањето на заклетва можам да ветам дека ќе продолжиме со истото темпо и динамика. Изминативе 14 месеци успеавме да го намалиме приливот на предмети и сме еден од ретко ажурните судови во државата. Успеавме да го намалиме бројот на застарени стари предмети за 53 проценти. Успеавме да немаме ниту еден застарен предмет во оваа година“, изјави Димовска.

Таа посочи дека судот во моментов функционира со значително помал број вработени во однос на претходните години.

„За жал, имаме 130 вработени помалку од пред неколку години и со ваквиот намален број на вработени успеваме да го совладаме приливот“, вели Димовска.

Според неа, најголемиот товар во секојдневното функционирање на судот го носи судската администрација, која, како што нагласува, има клучна улога во работата на судиите.

„Најголемиот товар од работата паѓа токму на судската администрација, која не можам да ја заборавам, бидејќи тие се суштинската сила која стои зад нас, судиите“, истакна новата претседателка на Основниот кривичен суд Скопје.